Репрезентативците на Македонија заминаа за Прага каде ќе одиграат пријателски натпревар со Саудиска Арабија

Репрезентативците на Македонија заминаа за Прага, Чешка, каде ќе одиграат пријателски натпревар со репрезентацијата на Саудиска Арабија. Овој натпревар од контролен карактер ќе има за цел проверка на формата на репрезентативците пред продолжението од квалификациите за Светското првенство 2026.

По мечот со Саудиска Арабија следува соочување со Лихтенштајн од квалификациите, а Никола Серафимов вели дека Македонија е фаворит, а мечот е многу важен бидејќи трите бодови се повеќе од важни.

„Првиот натпревар што го играме против Саудиска Арабија од контролен карактер и мислам дека тоа ќе биде одлична можност за да видиме во каква форма доаѓаме. Знам дека секогаш кога настапуваме за Македонија сите доаѓаат со посебни мотиви со посебна желба и сите го даваа дури тој последен атом, повеќе од сопствените можности. Мораме да се фокусираме на овој натпревар во четврток, а потоа да се подготвиме за натпреварот со Лихтенштајн. Нормално фаворити сме на хартија, меѓутоа тоа во денешниот фудбал не важи и мислам дека тој натпревар ќе биде од огромно значење, затоа што трите бодови ни се повеќе од неопходни. Знаете како велат кога однапред ќе ги запишете трите бодовите тоа никогаш не е добро, баш поради тоа мислам дека тие три бода не треба да ги сметаме како однапред добиени, туку треба да влеземе на тој натпревар како и на сите останати, мислам дека оваа група на чело со овој стручен штаб го докажало тоа, никогаш не сме потцениле ниту еден противник и мислам дека баш поради тоа овој натпревар е од огромна важност“, вели Никола Серафимов.

Селекторот Благоја Милевски ќе има можност веќе утре во Прага против Саудиска Арабија да ја провери формата, бидејќи потоа доаѓаат клучни натпревари во квалификациите.

„Имаме навистина позитивна серија, кога нешто е добро не би требало да се менува и треба да продолжиме да работиме како и досега. Добро се подготвуваме, ќе ни биде од корист и пријателскиот натпревар против Саудиска Арабија, можеби да се пробаат некои нови комбинации, а против Лихтенштајн се надевам дека ќе продолжиме позитивно и во квалификациите. Тој натпревар е многу важен, јавноста можеби не смета нас за фаворити, но покажавме дека и ние кога на хартија не сме фаворити, како против Белгија и Велс дека можеме да изненадиме. Истото може да се случи и против Лихтенштајн, затоа тој меч е особено битен за нас“, вели Бојан Илиевски.

Миовски вели дека во репрезентацијата има позитивна атмосфера пред мечот со Саудиска Арабија и пред соочување со Лихтенштајн на домашен терен.

„Имаме позитивна форма во репрезентацијата, се надевам дека ќе го продолжиме тој добар ритам и на натпреварите кои ни следуваат. Треба добро да се подготвиме за Саудиска Арабија која е многу сериозна репрезентација, а потоа максимално да се фокусираме на Лихтенштајн. Денеска нема слаби селекции и однапред добиени натпревари“, вели Бојан Миовски.

Натпреварот меѓу Македонија и Саудиска Арабија се игра утре, а пак нашата репрезентација со Лихтенштајн ќе се соочи во Скопје в недела.

Александар Ванев, М-Нет