
Со реконструкцијата на спортската сала при ООУ „Тошо Арсов“ во Штип, ракометните клубови Астибо во женска конкуренција и Текстилец во машка конкуренција добиваат значително подобри услови за тренинг и за игра.
Тренерот на РК Астибо, Дејан Величков вели дека тие во оваа сала се 40 години и после толку години истата е реконструирана и добиваат едно спортско катче како што вели Величков и во истото се надева дека ќе имаат големи успеси.
„Ние како спортски клуб во женски ракомет исто со машкиот ракометен клуб 40 години сме во оваа сала и после толку време добивме едно катче, каде што верувам дека во него ќе имаме големи успеси. Во оваа сала што после толку години е реконструирана и можеме да прикажеме добри игри. Женскиот ракометен клуб кој игра во Суперлигата и се натпреварува со првите осум екипи и веќе оваа недела, во недела го играме првото коло и мислам дека овде ќе имаме добра партија ќе победиме и ќе ја наполниме салата како што доликува, како што е еве вака убаво направено“, вели тренерот на РК Астибо, Дејан Величков.
Астибо се натпреварува во женската Суперлига, а во рамки на првото коло ќе се соочи со Спартак на домашен терен веќе овој викенд, додека пак РК Текстилец кој е дел од Првата машка лига сезоната ја отвара на домашен терен со Аеродром, а стартот е закажан за 13 односно 14 септември.
Александар Ванев, М-Нет