Радовиш со нов пораз, шампионот Еурофарм Пелистер до бод во супер-дербито со Алкалоид

ФОТО: Александар Ванев

Екипата на Радовиш одново забележа пораз за нив трет и со тоа останува и натаму без бодови, но одново радовишани беа блиску до позитивен исход откако загубија 27:24, од екипата на Пролет во рамки на 3. коло на Суперлигата.

Во првиот дел резултатот беше 14:13, но во вториот дел Пролет направи посериозна предност и го доби мечот. Давор Палевски со седум погодоци беше најдобар кај домашниот тим, а кај гостинот тоа беше Здравко Постолов.

Бутел го доби соочувањето со Прилеп со 35:30 благодарение на одличното прво полувреме бидејќи на пауза скопскиот тим имаше шест гола предност.

Куманово дома доживеа нов пораз откако дома загуби од повратникот Еурофарм Пелистер 2 со резултат од 28:30.

Третото коло донесе и две дерби пресметки, а кои се играа во Скопје. Екипата на Вардар квалитетно се намачи со цел да го добие Охрид, а исходот беше 33:31, каде Урош Митровиќ имаше осум гола за домашниот тим, а пак Вуко Борозан постигна шест гола од осум бодови. За охриѓани Дарко Дукиќ имаше осум гола од 12 обиди.

Големото дерби во Автокоманда заврши без победник, Алкалоид и актуелниот шампион Еурофарм Пелистер ремизираа играјќи 33:33.

Тимот на Кирил Лазаров може да жали за ваквиот резултатот бидејќи натпреварот го имаше во свои раце и дозволи битолскиот тим да си замине непоразен и со освоен бод.

Тордарсон кај Алкалоид беше најпрецизен со седум од седум, а пак пет од пет имаше Борзаш, додека пак Дамјан Митев имаше шест погодоци. За Еурофарм Пелистер капитенот Филип Кузмановски имаше десет погодоци, а шест од девет имаше Дејан Манасков.

Колото се затвара вечер со мечот меѓу Струга и Тиквеш од 18:30.

Александар Ванев, М-Нет