
Прв протестен марш за самохраните родители ќе се реализира утре во Скопје. Кон протестен марш ќе се посегне со цел поддршка на самохраните родители како и апел до надлежните да ги слушнат барањата и да излезат во пресрет на оваа категорија граѓани. На протестниот марш свој придонес може да дадат граѓаните не само од Скопје, туку и од другите градови ширум државата, па и од Штип.
„Задоволство ми е да најавам дека го организираме првиот протестен марш во историјата на Република Македонија посветен на самохраните родители и еднородителските семејства. Со овој марш сакаме да ја искажеме и прикажеме сликата на самохраните родители и еднородителските семејства пред македонската јавност и македонското општество. Со задоволство ве покануваме сите. Дојдете! Придружете ни се! За секој што сака да отиде во Скопје, имаме организирано превоз. Може да се пријавите на нашата фејсбук страна“, истакна Тања Кировска, претседател на подружница „Една може“ во Штип.
Дел од барањата се насочени кон Министерството за труд и социјална политика, како и до Центрите за социјална политика, Министерството за образование, Агенцијата за вработување, локалните самоуправи и градовите. Според нив, главно, потребно е да се дефинираат термините самохран родител и еднородителско семејство во соодветните закони на соодветен – инклузивен начин, но и да се дадат социјални станови, станбени кредити без камата и учество, како и предност при вработувањето.
„Со овој протестен марш сакаме да го искажеме незадоволството кон сите институции кои се глуви на нашите и барањата на нашите членки. По долги години работа, формални и неформални обиди за застапување и лобирање, ја користиме и оваа активистичка алатка за изразување на колективното незадоволство преку мирно марширање. Истото ќе се одвива на 13 февруари, во недела, од 13 часот. Марширањето ќе започне од „Жена парк“, односно „Жена борец“, симболично, до Министерството за труд и социјална политика, коешто е носител на сите мерки и активности на оваа целна група којашто ние ја застапуваме“, додаде Кировска.
Ова е прв ваков марш во историјата со кој им се дава поддршка на самохраните родители, самохраните мајки и еднородителските семејства. Потребата од истиот произлегува по долгогодишното работење и лобирање за правата овие засегнати граѓани, а за кое нема резултат од институциите.
Ребека Спасова М-Нет