Пристигнаа шесте нови автобуси во Штип, првите три дена градскиот превоз ќе биде бесплатен

Пристигнаа шесте автобуси со кои во Штип ќе се врши градски линиски превоз. На денешната прес-конференција, градоначалникот, Иван Јорданов, истакна дека јавниот градски превоз станува реалност, а овој ден е за паметење и за него и за граѓаните на општина Штип, бидејќи се реализира проект кој е долгоочекуван од граѓаните, а најавуван од сите локални власти.

„Ова со сигурност е најголемата инвестиција од една локална самоуправа, којашто се случила во една година, затоа што вредноста на овие шест автобуси, коишто ќе се користат за јавниот градски превоз е 50 милиони денари. Потребата за јавен градски превоз е нотирана уште многу години порано“, вели Јорданов.

Јавниот градски превоз ќе почне да се спроведува од 1 септември, а првите три дена за сите граѓани ќе биде бесплатен. Превозот ќе го реализира ЈП „Стипион“ и веќе се донесени и низа одлуки, како и ценовникот за линискиот превоз низ Штип, но и приградски населби, како и до соседната општина Карбинци, за што е склучен договор. Директорот на ЈП „Стипион“, Панче Стефановски вели дека ќе има шест линии, но доколку граѓаните имаат предлози релациите и линии ќе се зголемуваат. Посочи дека Штип ќе има модерен, еколошки и економичен превоз.

„ЈП „Стипион“ ќе располага со седум автобуси со различен капацитет, со кои превозот ќе се одвива на шест линии на територија на општините Штип и Карбинци. Утврдени се возен ред и ценовник, за кои информации ќе понудиме на страницата на Јавното претпријатие, Општините Штип и Карбинци, како на социјалните мрежи и во медиумите“, вели Стефановски.

Билетот за градското подрачје ќе чини 30 денари, додека за населбите Балканска и Македонка 35. За Три Чешми, Чардаклија и Стар Караорман 40 денари. Во Општина Карбинци ќе има превоз до три села и билетите во еден правец ќе изнесуваат од 60 до 90 денари. Јорданов и Стефановски истакнаа дека воведувањето на јавниот градски превоз ќе значи решавање на проблемот со сообраќајниот хаос и паркирањето во центарот на градот.

Ребека Спасова М-Нет