
Работна група ќе одлучува за барањата на пензионерите, тие, пак, посочија дека мора да се дел од истата за правични одлуки. Работната група ќе треба да ги разгледува прашањата за најниската пензија во земјава, како и за пакет мерки за помош и поддршка на пензионери и да предложи соодветен и финансиски издржлив предлог. За ова да разговараат вчера побараа и светиниколските пензионери.
„Треба да влезат од овие луѓе коишто го бараат ова покачување од 3.500 денари. Не може нивна група да се формира и на тој начин така да се донесуваат одлуки. Тоа не е ферски, прво, мизерија, да не речам, срамота“, рече Трајче Стаменов, пензионери од Свети Николе.
Ама министерката Тренчевска, не го прифати ваквото барање. Посочи оти било доволно што во работната група имало претставници на Сојузот на здруженија на пензионери, кој не бил против барањата на пензионерите кои протестираат.
„Се вклучени претставници на институции, но и претставници на Сојузот на здруженија на пензионери коишто се грижат за сите пензионери и ги застапуваат ставовите на сите пензионери во државата. Сојузот на пензионери не е против барањата на пензионерите коишто протестираат со тоа што барањата коишто ги имаат сакаат да ги стават пред институциите за да дојдеме сите заеднички до едно решение“, вели Тренчевска.
Таа вели оти откако ќе има соодветни предлози, ќе разговара со сите иницијативни одбори по градовите каде што се протестира. Но не го отфрла предлогот за линеарно покачување, туку вели дека за тоа ќе се бара стручно мислење.
„Се договоривме дека откако работната група ќе ги има предлозите, ќе разговарам со сите иницијативни одбори по различните градови каде што протестираат, каде што ќе го слушнеме и нивниот став по однос на овие предлози. Со оглед на тоа што веќе ги имаме добиено предлозите на пензионерите коишто протестираат, истите ќе бидат ставени на разгледување од работната група. Штом имаме првични предлози, ќе биде јавноста информирана и пензионерите коишто протестираат“, додава Тренчевска.
Во меѓувреме, пензионерите продолжуваат со протестите. Утре протестен марш ќе одржи Иницијативниот одбор во Кочани, кој од Паркот ќе се движи до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Ребека Спасова М-Нет