Природните чаеви поради полезноста за здравјето сѐ уште се купувани од луѓето

По пазарите освен зеленчук и овошје, може да се најдат и низа природни чаеви. Така, на штипскиот, пробиштипскиот, па и кратовскиот пазар може да се најдат истите природни чаеви набрани од планина, каде е чисто и нема луѓе и животни. Сепак, и во тој поглед временските услови ја отежнуваат работата, бидејќи во последно време нема доволно вода и чаевите ги нема таму каде што претходно се береле.

„Моментално од нашата Осоговска планина се чаевите, добри се за сите болести, а има и за секојдневна употреба. Почнувајќи од жалфијата, рузмаринот, црвениот кантарион, смиљот, јагликата, маточината и други. Има доста коишто се употребуваат и се полезни за животот, за настинки. Голем спектар на чаеви собирам. Претежно ги собирам јас, ги сушам на покриен простор, без сонце, на промаја.“

Луѓето сѐ уште купуваат природен чај, иако чаевите сѐ повеќе може да се најдат во форма на ќесички, а помалку природен чај набран од планина. Тие се свесни за хранливите вредности, но и се соочени со голем избор. Секој чај има различна намена и со тоа колку и како треба да се користи, а луѓето претежно бараат чаеви за настинки.

„Претежно го бараат црноврвот или риган, тој е најполезен чај. Претежно за настинки, ама нема отвори, може да се користи денес двапати. Другите чаеви имаат и треба да се користат четири – пет дена, па да се одмара. Има за бубрези, за стомак, за смирување, да се смире организмот, нервниот стрес, како што е маточината.“

Цената им е различна, од 30 до 3000 денари, а на оваа тезга може да се најдат и ореви и лешници, кои, пак, имаат цена помеѓу 100 и 200 денари. Цената на јаткастите плодови нема да расте кон Бадник и Божиќ, велат продавачите.

„Па по цена од 30, 40, 50, дури има чаеви што чинат и 3.000 денари, како за хемороиди и ред други работи. Купуваат, ама слабо. Денес има многу ореви, бидејќи се приближуваат празници. Цената е од 100 до 150 денари, а лешниците се 180 денари. Мислам дека цената ќе остане иста, нема да расте.“

За добар чај потребно е да се набере пред целосно да расцути, но важна е и понатамошната постапка, односно како ќе исуши истиот.

Ребека Спасова М-Нет