
Речиси 2000 бруцоши на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денес го имаа својот прв академски час. Новозапишаните студенти беа пречекани на т.н. Бруцошка забава, која се одржа на платото пред Економскиот факултет. Топло добредојде им посака ректорот, Дејан Мираковски, кој истакна дека УГД ќе продолжи да ги унапредува условите за студирање на студентите.
„На бруцошите би сакал да им порачам едно срдечно добредојде. Се надевам дека Универзитетот ќе им биде место во кое покрај учењето, покрај библиотеките, предавалните и амфитеатрите, ќе можат да вклучат многу нови пријателства, ќе поминат многу пријатни моменти и од тука ќе излезат како академски граѓани и градители на нашето општество. Просперитетно општество може да се гради само со образована младина, а образованието не е само знаење, туку е еден вид поттик за акција и се надевам дека токму тоа ќе го добијат на нашиот Универзитет“, порача Мираковски.
Веќе дипломираните студенти на УГД ја споделија својата успешна приказна со цел да ги поттикнат и мотивираат новозапишаните и да им посакаат успех во текот на претстојното студирање. За бруцошите, пак, академските денови се нов предизвик, кој е можност за ново знаење и едуцираност. Универзитетот по случаен избор додели десет ваучери од по 3.000 денари за најсреќните бруцоши.

„Сум запишана токму на овој Универзитет, затоа што е еден од подобрите универзитети во нашата држава. На овој прв академски час очекувам подобро да се запознаеме сите, да се чувствуваме послободни, затоа што како за мене така и за останатите секој почеток е тежок“, истакна Ивана Велкова, студент на Економскиот факултет.
Во академската година 2022/2023 студирањето го започнуваат околу 1400 македонски студенти, околу 300 странски студенти кои учат на македонски јазик и педесетина студенти кои учат на програми на англиски јазик.
Ребека Спасова М-Нет