
За 5.559 ученици од денеска започна летниот распуст во Штип. Со завршувањето на учебната 2025/2026 година, учениците ги затвораат учебниците и се подготвуваат за речиси тримесечен одмор. Според податоците на Општината, учебната година ја завршуваат 1.995 средношколци и 3.604 основци. Дел од учениците кои не постигнале задоволителен успех ќе имаат можност да полагаат поправни испити во наредниот период. За деветтоодделенците, пак, по завршувањето на наставата следува уписот во средно образование
,,На 10 јуни завршува учебната 2025-2026 година за вкупно 5559 ученици на ниво на општина. Од вкупниот број во средното образование завршуваат 1995 ученици и во основното 3604 ученици. Летниот распуст трае до 31 август, а на 1 септември започнува новата учебна година. Меѓутоа треба да нагласиме дека оваа бројка малку е веријабилна бидејќи тука се пресметани учениците кои не остигнале добар успех задоволителен за време на школувањето, имаат можност да отидат на поправен испит. Па се надеваме дека и тие од кога ќе го поминат поправниот испит, ќе влезат во конечниот број ученици кои ја завршуцаат учебната година.“, вели Санева
Додека трае летниот распуст, деветтоодделенците се подготвуваат за упис во средно образование. Од 12 јуни започнува електронското пријавување за едно од 719-те слободни места во штипските средни училишта.
,,Во нашата општина ќе има упис за ученици во вкупно пет средни училишта, од кои две државни, а три општински училишта. Вкупниот број на слободни места според конкурсот е 719 места. Уписот ќе започна на 12 јуни и тоа со електронско пријавување. Учениците ќе се пријавуват од 12 до 15 јуни електронски, со тоа што ќе ја симнат прво пријавата на е-услуги на МОН, а на 16 јуни ќе треба да ги поднесат документите во училишта во писмена форма. “, додава Санева
Со тоа завршува уште една учебна година, а учениците влегуваат во летниот период на одмор. Дел од нив ќе имаат и дополнителни обврски преку поправните испити, додека деветтоодделенците веќе се насочуваат кон уписите во средно образование.
Иван Митев, М-Нет