
И по неколку месеца потребата иста, а изградбата на објектот наменет за старечки дом се’ уште стагнира. Многу иницијативи, заложби и почеток на овој проект, но административната пречка ја спречи реализацијата на истиот. Повозрасните анкетирани граѓани се со став дека старечки дом мора да има. Вистинска штета е што Штип е без старечки дом, велат тие, земајќи го предвид примерот на другите општини од истокот.
Дека е вистинска штета што Штип е без старечки дом согласен е и градоначалникот Јорданов, според кој, продолжувањето на изградбата зависи од повеќе фактори и координација помеѓу централната и локалната власт.
„Морам да признаам дека штетата е навистина голема за Штип како центар на истокот, којшто нема дом за стари лица. Знаете дека објектот којшто пред неколку години започна да се гради е стопиран и судбината на тој објект зависи од Закон за легализација. Сепак, сметам дека дали Штип ќе добие старечки дом во иднина или не зависи и до други околности. Зависи од централната власт, од интересот на Здружението на пензионери во општина Штип, од една меѓусебна координација за на крајот да се најде решение“, истакна Јорданов.
Како што додаде Јорданов, за да се задоволи потребата за старечки дом, најидеално решение би било да се продолжи изградбата на веќе половина изградениот објект, кој почна да се гради во 2014 година. Од истокот, функционален дом за стари лица има во Берово, а Пробиштип вршеше преадаптација на неискористениот простор на Здравствениот дом „Нада Михајлова“ во Дом за стари лица.
Ребека Спасова М-Нет