МВР и ТППЕ Штип со апел до граѓаните да внимаваат за да не предизвикуваат пожари

Највените високи температури во периодот кој претстои носат опасност од појава на нови пожари. Со цел да не се повтори минатогодишната слика од Кочани и Млешевијата од МВР излегоа со апел до граѓаните да внимаваат, бидејќи секое мало невнимание може да предизвика пожар со големи и тешки последици.

„Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да бидат внимателни ако се движат или работат во поле и низ шумите, да не ги палат отпадоците, меѓите и стрништата на нивите и да не фрлаат неизгаснати догорчиња. Покрај ова, на оние кои ќе престојуваат на излетничките места, им се укажува да се воздржат од палење огнови, кои брзо можат да пламнат и да се прошират наоколу, а со тоа да предизвикаат и материјални и други последици од несогледливи размери. Исто така, на отворен простор да не се оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да причинат пожар.“ – напишаа од МВР.

Со апел да се внимава излегоа и од ТППЕ Штип.

Доколку не се придржуваат на овие апели и препораки граѓаните ќе се соочат со ригорозни законски санкции, односно со пријави и можни затворски казни од 6 месеци до 8 години, зависно од видот на пожарот и другите околности и последици. Министерството за внатрешни работи овој месец засилено презема координирани превентивни и други мерки со советодавните групи на граѓани, месните и урбаните заедници, навреме да се пресретнат можните причини за пожари, а во координација со други институции и служби ќе бидат засилени и планираните контролни активности.

Лаура Стојанова М-Нет