Утревечер – аукциска изложба на членовите на Ликовното ателје „Колорис“ во Галерија ’22

Утревечер во Галерија ’22 на НУЦК „Ацо Шопов“ во Штип ќе се реализира аукциска изложба. Членовите на Ликовното ателје „Колорис“ пред штипјани ќе ги изложат своите аматерски слики на кои работеле во периодот од јануари до јуни годинава. Дел од изложбата ќе бидат 50 учесника, кои во Галеријата ’22 ќе имаат изложено 150 дела.

„Од утре со почеток од 19:00 часот ќе имаме претставување на ликовното ателје „Колорис“ и претставување на Градскиот хор – Штип со полуконцертно издание, кое не е во склоп на оваа изложба. Она што е важно за изложбата е дека овде може да видите повеќе слики од луѓе коишто ја сакаат ликовната уметност, а се бават аматерски со сликањето. Граѓаните ќе може да дојдат и ако им се допадне која било слика, ќе може да си ја купат. Значи, ова ќе биде аукциска изложба, така што секоја слика си има бројче и ќе може да си ја купат“, истакна директорот на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, Горан Трајков.

Ова не е првпат да се реализира ваква изложба на членовите на Ликовното ателје „Колорис“, младите ликовни уметници веќе неколкупати со своите уметнички дела придонесуваат и во хуманитарни цели. На минатогодишната аукциска изложба граѓаните во голема мера покажале интерес за овие аматерски уметнички дела.

„Граѓаните се секогаш заинтересирани за добра слика. Минатата година кога се одржа оваа галериска изложба и јас си купив слика која многу ми се допадна. Цените се симболични и ги задоволуваат основните трошоци коишто ателјето и нивните членови ги имат потрошено, што е една добра пракса за да може да се рефинансираат овие активности и е добро за сите нас“, додаде Трајков.

Инаку, богатата културна програма на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип продолжува и оваа недела. До крајот на неделата следува и детска балетска претстава, а и реприза на претставата „Амбасадор“, во сабота ќе следи и промоција на книга.

Ликовното ателје „Колорис“ нуди курсеви за сите кои сакаат да се занимаваат со уметност и практично да се запознаат со ликовните елементи и принципи преку изработка на дела во различни сликарски и цртачки техники.

Ребека Спасова М-Нет