
Сонот на Столе да оди на училиште во Скопје, да се дружи со другарчињата и да учи оставен на пауза заради ковид пандемијата. Столе е дете со попреченост, само едно од многуте вакви деца во државата. Тој сега следи онлајн настава на мобилиниот телефон, чекајќи да се вклучи професорот за да може да му ја раскаже приказната за Итар пејо и алвата. Но, многу често се случува заради различни причини професорот и да не се вклучи, па приказната им ја раскажува на домашните.
Мајката на Столе, госпоѓа Славица, се труди да му посвети на нејзиниот син доволно внимание, меѓутоа овде не изостануваат и обврските. Таа посочува дека желбата на Столе да оди и да се дружи е повеќе од голема.
„Тоа му беше сон да отиде во Скопје, да се дружи, да биде социјализиран, но за жал се случи пандемија, се случи да останеме дома и часовите да бидат заменети со онлајн настава. То е еден вид ново искуство за нас, многу работи научивме како децата така и ние родителите“ – кажа мајката на Столе, Славица.
Столе настава следи преку мобилен телефон, затоа што на лаптопот наставата ја следи неговата сестра која оди во четврто одделение. Госпоѓа Славица моментално нема доволно финансиски средства за да им обезбеди и на двете деца да следат настава преку лаптоп.
Доктор Марија Ралева, детски психијатар, 2020 година ја дефинира како година која ги лиши децата од нивните потреби и барања и ги ограничи нивните можности. Ковид годината, стресот влијаеше и ги погоди најранливите, а тоа се децата со попреченост.
„Децата не може да имаат контакт со училиштето, со своите врсници, со задачите кои што горе долу се насочиле, создале една претстава за она што треба да прават, што се бара од нив“ – истакна Ралева.
Со почетокот на масовната имунизација во нашата држава, доктор Ралева се надева дека брзо ќе пристигне крајот на пандемијта, и животот полека ќе се врати во нормала, а Столе ќе може да го исполни својот сон да оди на училиште во Скопје.
Лаура Стојанова М-Нет