
Најтрофејниот ракометен клуб Вардар за новата сезона од Суперлигата на голманската позиција се засили со Мигел Еспиња Фереира, откако 30-годишникот потпиша договор со Вардар на една година со можност за продолжување на истиот.
Фереира доаѓа од Асобал лигата и ќе му биде колега на Васил Гогов кој исто така останува меѓу „црвено-црните“.
Фереира потекнува од Бенфика и долго време беше дел од првиот и вториот тим на клубот од Лисабон, а бранеше и во Мануел Пасос и Белененсес, пред да стане интернационалец. Во 2020 замина во Шпанија, каде што настапуваше за Уеска една сезона, потоа две години мина во францускиот Сесон Рен, а лани се врати во Асобал и една сезона мина во Сиудад Енкантада Куенка.
„Многу сум среќен и горд што доаѓам во таков историски клуб каков што е Варвар. Со нетрпение очекувам да ја почувствувам атмосферата во вардаровата сала со поддршка од неговите неверојатни навивачи. Сакам да им помогнам на моите соиграчи да ги постигнат целите на клубот во Европа и првенството. Се гледаме наскоро“, рече Фереира по неговата промоција.
Новиот голман на вардарци на подготовките ќе се приклучи за првите два турнири на кои Вардар ќе настапи, во Струга и во Охрид во текот на месец август, а како што веќе објавивме, екипата во моментот се подготвува во Скопје, а потоа заминува во Маврово, по што се враќа во Скопје, па заминува на турнирите во Струга и Охрид каде ќе ја темпира формата за новата сезона.
Александар Ванев, М-Нет