Поради Илинден оваа сабота нема да се одржи ,,Маршот за Ангелите” во Кочани

Оваа сабота нема да се одржи Маршот за Ангелите во Кочани, поради празникот Илинден, информираа семејствата на настраданите преку писмено соопштение до јавноста.
,,Во име на сите мајки, татковци и семејства кои ги загубија своите најмили во трагедијата во Кабарето „Пулс“ на 16 март, сакаме да ве известиме дека оваа сабота, 2 август 2025, нема да го одржиме редовниот „Марш за ангелите“.

Причината е државниот празник 2 Август – Илинден, ден кој го слави духот на борбата за слобода и достоинство. Веруваме дека овој ден заслужува тишина и почит, но и потсетување дека вистинската слобода доаѓа само кога има правда за невините, кога гласот на жртвите не е замолчен, туку чуен.

Иако овој викенд нема да бидеме на улиците, нашата болка, љубов и борба не престануваат. Продолжуваме следната сабота – посветени, обединети и гласни – во име на сите што беа неправедно одземени.

Ви благодариме за вашата поддршка и разбирање.
Да бидеме достоинствени како нивната љубов и силни како нивниот спомен.” – стои во соопштението на родителите на трагично загинатите деца во дискотека Пулс во Кочани.