Половина од хоспитализираните ковид пациенти во Штип и Кочани се вакцинирани

Ковид ситуацијата во општините од Истокот држи стаус кво. Според последниот извештај од штипската болница во последните 24 часа новопримен е само еден пацинет, дома заминале шестмина. Со ова бројот на хоспитализирани ковид пациенти е 30, од кои 29 на Инфективното и еден на Кожното одделение, но и десет на дневна амбуланта. Од хоспитализираните 25 лица имаат потреба од кислородна поддршка, и се приклучени на апарати за дишење, а вакцинирани се половина односно 15 лица. Нема регистрирано починати лица, слободни моментално се 36 ковид кревети, 27 на Инфективното и девет на Кожното одделение, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

Во кочанската Општа болница во изминатото денноќие новопримен е еден пациент, испишани нема. Бројот на хоспитализирани на Интерното одделение кое работи како ковид оддел е четири, од кои две лица се вакцинирани, а нема починати ниту пациенти приклучени на апарати за дишење, информираат од болницата.

Во општините од Истокот моментално активни се 306 пациенти, од кои најмногу во Штип 106. Во останатите општини од источниот дел од државата бројката е двоцифрена вклучувајќи го и Кочани каде активни се 80 корона пациенти. Македонска Каменица и Пехчево се единствените општини од Истокот каде бројката е едноцифрена и активни се 7 односно 6 ковид случаи.

Според информации од Министерството за здравтво заклучно со вчера во земјата се направени вкупно 1.852.018 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 288.750, бројот на оздравени пациенти е 269.862, на починати е 8.793, а бројот на активни случаи изнесува 10.095.

Лаура Стојанова М-Нет