
Главниот дел на штипската Болница и зградата за физикална терапија се подготвени за грејната сезона. Резервоарите со нафта се полни, а направени се и последните подготовки, вели директорот, д-р Ален Ѓеорѓијев.
„Ние, генерално, се грееме на нафта. Полни се резервоарите, ние сме спремни да ја почнеме грејната сезона ги направивме последните поправки на одделот за физикална терапија со парно системот, го поправивме системот и, значи, може да почне грејната сезона“, вели Ѓеорѓијев.
Директорот потенцираше дека Болницата е од разбиен тип, односно одделите не се во иста зграда, поради што на оние оддели кои не се во главната зграда им се дозволува да ги користат клима уредите. Поради ова, вели Ѓеорѓијев, нормално е и да очекуваат повисоки сметки за струја.
„Нормално е во овој случај и да растат сметките за струја. Ние не сме на повластен пазар, не користиме струја со фиксна цена, туку сме на слободен пазар. На тендер имаме добиено кој ќе ја снабдува Клиниката со струја. Во моментов плаќаме некаде околу 20.000 евра месечно, а нормално е дека ќе порасне сметката кога ќе почне грејната сезона“, додава Ѓеорѓијев.
Клиничката болница во Штип има одреден буџет кој го користи за набавка на нафта. Во текот на зимата сметките за струја се удвојуваат во однос на летните месеци, а за нафта се трошат помеѓу девет и десет милиони денари на годишно ниво.
Ребека Спасова М-Нет