Апаратите во КБ Штип не функционираат оти многу се користат, директорот со апел до матичните лекари

Компјутерската томографија во штипската Клиничка болница се користи дури два – трипати повеќе од оптималното, па наместо 20 – 25 на ден, се прават над 70 компјутерски томографии. Токму тоа, според директорот, д-р Ален Ѓеорѓијев, е една од причините поради кои магнетната резонанца и компјутерската томографија се апарати кои често се надвор од функција. Другата, според него, е што се користат десетина години, но тоа, вели, има помало влијание. За да се избегне преоптеретеноста, Ѓеорѓијев апелира матичните лекари да ги препраќаат пациентите прво кај специјалисти.

„Компјутерската томографија е максимално оптеретена, се случува да имаме и по 60 – 70 компјутерски томографии во денот, од коишто во најголем дел наодите се негативни. Еве, сакам да упатам еден апел и до матичните лекари дека првобитно пациентите треба да бидат упатени до специјалистите во Клиничката болница – Штип и тие да ја утврдат индикацијата дали треба да се прави компјутерска томографија. Исто така, кога ние ќе ги пуштиме термините, да не бидат без потреба зафаќани, бидејќи понекогаш се случува и тоа, за период од 15 – 20 минути да бидат зафатени сите термини за цел месец“, вели д-р Ѓеорѓијев.

Магнетната резонанца сѐ уште е надвор од функција, бидејќи се чека на овластениот сервисер. Поради тоа, вели Ѓеорѓијев, не може точно да се каже кога апаратот ќе биде ставен во функција.

„Во моментот, сѐ уште не работи магнетната резонанца. Процедурата од наша страна е завршена, чекаме сервисерот да го набави делот којшто треба да го вгради, знаете, таа е од американски производител. Во тој дел ние не сме моќни да ја убрзаме или успориме постапката, кога овластениот сервисер ќе го добие делот, ќе го монтира и ќе го ставиме во функција апаратот за магнетна резонанца“, додава д-р Ѓеорѓијев.

Тоа што апаратите често се надвор од функција, освен што реално претставува проблем за пациентите, е и дополнително финансиско оптоварување на Болницата. Рендген апаратот пред неколку месеца беше поправен со 40.000 евра, а за поправка на магнетот и компјутерската томографија се издвоени околу 100.000 евра. Нешто повеќе од 300.000 евра за поправка на трите апарати Болницата плати и минатата година.

Ребека Спасова М-Нет