Победа за Демир Хисар над Преспа, Сатеска со голем триумф!

Денес започна пролетната полусезона во Трета лига – Југозапад со натпреварите од 10. коло.

Тоа што го најавувавме и се остварува, Јанг Тим нема да ја продолжи сезоната откако денес и не го одигра натпреварот против лидерот Кораб во Дебар, па овој меч ќе биде регистриран со службена победа за лидерот.

Лирија во Грнчари одигра реми без голови (0:0) против Светлост од Кукуречани, а пак Демир Хисар со убедливи 3:1 славеше над Преспа од Ресен. Искусниот голгетер Стефан Каревски беше двоен стрелец за домашниот тим, а еден гол беше дело на Виктор Ѓорѓиовски, додека пак за гостинот од Ресен единствен стрелец беше искусниот Нико Пластиновски.

Сатеска од Волино забележа огромен триумф во борбата за опстанок откако со 2:4 славеше во Струга над Влазнии. Никола Секулоски во 9. минута погоди за 0:1 на полувреме односно предност од еден гол за гостинот од Волино. Во вториот дел Секулоски со втор гол зголеми на 0:2, а потоа Валдрин Лога намали на 1:2, додека пак Кирпијан Петрески зголеми на 1:3. Денис Шадов во 65. минута од пенал намали на 2:3, а во 71. минута Петрески со втор гол ги постави конечните 2:4.

Во оваа коло слободна беше екипата на Кравари.

Кораб е лидер на табелата со 24 бодови, Лирија е втора со 17 бодови, трет е Кравари со 15 бодови (но и меч помалку), колку што има и Демир Хисар е кој е четврти, како и Преспа која е петта.

На шестото место е Јанг Тим со девет бодови, Влазними е седми со седум бодови, а толку има и Светлост кој е претпоследен, а пак на дното е Сатеска со шест бодови.

Александар Ванев М-Нет