Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека две држави ѝ одзеле на Македонија 21 година институционално приближување кон Европската Унија, посочувајќи го македонскиот пример додека зборуваше за односот на Хрватска кон европските интеграции на Црна Гора.
Пред состанокот на Европскиот совет во Брисел, Пленковиќ нагласи дека Хрватска има конструктивен пристап кон Црна Гора, за разлика од односот со кој, според него, се соочувала Македонија.
„Го имате примерот на Северна Македонија, која во времето на самитот во Загреб во 2000 година беше пред Хрватска во институционална смисла. Тие сè уште не ги отвориле преговорите. Постојат две држави кои, да речеме така, од 2005 до 2026 година ѝ одзедоа 21 година институционално приближување на Северна Македонија кон Европската Унија“, изјави Пленковиќ.
„Хрватска не го зазеде тој пристап. И покрај тешкото наследство, кон Црна Гора пристапивме многу конструктивно“, додаде хрватскиот премиер.
Пленковиќ нагласи дека Загреб издвоил осум нерешени прашања што Подгорица треба да ги исполни на патот кон членство во ЕУ, а кои се однесуваат на добрососедските односи и европските вредности.
Текстот Пленковиќ: Две држави ѝ одзедоа на Македонија 21 година на патот кон ЕУ е превземен од МАКФАКС.