
Од денеска почнува исплатата на септемвриските пензии, со која пензионерите ќе земаат повисоки пензии за 5,3%. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека ваквото зголемување е согласно со методологијата за раст на пензиите. Но ова зголемување најмногу ќе им користи на корисниците на највисоки пензии, што според пресметките, би изнесувало околу 3.700 денари, а за пензионерите со ниски примања ќе значи само 700 денари повеќе на нивните сметки.
„Согласно со податоците од Државниот завод за статистика, пензијата за месец септември се зголемува за 5,3%. Ова е второ усогласување годинава, во март е зголемена за 8,4% и заедно со 5,3% во септември е вкупно 13,7%. Во земјава живеат околу 330.000 пензионери, со септемвриското зголемување, минималната пензија се зголемува на над 13.000 денари.“ – велат од МТСП.
Сепак, пензионерите и понатаму го искажуваат своето незадоволство преку протести, барајќи линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари со цел да им се помогне во услови на голема економска криза и висока инфлација. Порачаа дека ќе продолжат со протестите до исполнување на нивното барање, но во Министерството се состанува работна група, која, според информациите од таму, треба да излезе со конкретни предлози до крајот на месецов.
Ребека Спасова М-Нет