
Со „Бруцошка на УГД“, втора година по ред, штипскиот Универзитет ги пречека новите студенти. И годинава приоритетна цел за Универзитетот остануваат бројните поволности за студентите, меѓу кои е и поддршката во однос на финансиските трошоци за високото образование, но и зголемувањето на бројот на студиски програми, вели ректорот, Дејан Мираковски.
„Продолжуваме со поддршката на студентите, односно воведовме ослободување од партипација на талентираните студенти, на студенти од ранливи категории и за првпат целосно ослободување од партиципација на идните филолози-македонисти, како еден вид поддршка за зачувување на македонскиот јазик. Дополнително, имаме многу нови студиски програми, посебно студиски програми на англиски јазик кои веќе будат интерес и полека привлекуваат студенти“, истакна ректорот на УГД, Дејан Мираковски.
Дека ваквата поддршка е и тоа како полезна, потврдуваат и студентите. Величе Илиева, бруцош на Македонистика, посочува дека во иднина се гледа како професор, а оваа насока е нејзин избор.
„Од оваа година е донесена Одлука за ослободување од партиципација на студентите од Катедрата за македонски јазик и книжевност за време на четирите години од студирањето и тоа за нас претставува дополнителна мотивација за да студираме на УГД, да се изградиме како идни професори кои ќе го чуваат и негуваат македонскиот јазик и ќе го пренесуваат на идните генерации“, вели Величе Илиева, бруцош на Филолошки факултет, Катедра за македонски јазик и книжевност.
Оние кои веќе се студенти на УГД посочија дека Универзитетот освен формално образование, во голема мера вклучува и неформални активности и практична настава. Наставниот кадар, пак, посочува дека доказ за квалитетот се и домашните, но и странските студенти.
„Преку промоција на неформалното образование и практичната настава ние се трудиме да овозможиме на студентите да обезбедиме нешто што не се среќава преку класичното предавање, како, на пример, штандови за мерење крвен притисок и шеќер, да го вежбаме сето тоа и да им помогнеме и на граѓаните“, вели Ирена Жежова, претседател на СОМА и на Факултетското студентско собрание при Факултетот за медицински науки.
„Сум горд што сум дел од УГД, бидејќи нуди современи студиски програми, преку кои ги подготвува своите студенти да станат високо квалификувани кадри, коишто на пазарот на трудот нема само да понудат теоретско знаење, туку и врвни практични вештини и во контекст на тоа би кажал дека доказ за тоа се нашите домашни студенти, но и странските студенти кои добиваат меѓународно признати дипломи, односно дипломи коишто без никаков проблем ги нострифицираат во државите од коишто потекнуваат“, Дино Карпичаров, асистент на Факултетот за медицински науки.
На вкупно 12 факултети и 3 академии, кои се интегрирани во Универзитетот „Гоце Делчев“, првиот академски час денеска го имаа околу 1500 бруцоши.
Ребека Спасова М-Нет