
Заврши партерното уредување на една од локациите во населбата Осми ноември во Штип. Влезовите на станбените згради, просторот пред основното училиште „Тошо Арсов“ и местото помеѓу зградите во оваа населба сега се со нов и поубав изглед.
„Денес сме на една од локациите во населбата Осми ноември каде што во изминатиов период се работеше на партерно уредување на влезовите на станбените згради и на платото пред ООУ „Тошо Арсов“. Поставивме павер елементи на влезовите со цел да го уредиме овој простор и да го направиме попристапен за жителите од оваа населба. И ова е начинот на којшто ќе продолжиме да работиме во наредниот период се’ со цел да го уредиме просторот пред сите станбени згради во сите населби во нашиот град, вклучувајќи ги населбата Осми ноември, Сењак, Автокоманда и во сите останати каде што имаме влез којшто не е уреден“, истакна Јорданов.
За жителите на оваа населба новиот лик на населбата е од големо значење, бидејќи, како што велат, ќе им го олесни влегувањето во становите, па и ќе им го разубави просторот каде секојдневно престојуваат.
За просторот чие уредување заврши се искористени вкупно еден милион денари, пари обезбедени од буџетот на Општина Штип.
Ребека Спасова М-Нет