Државата во состојба на топлотен бран – лекарите советуваат да се преземе соодветна заштита

Градежните работници, работниците во јавните претпријатија и сите останати кои претежно работат на отворено најмногу ќе ги почувствуваат екстремно високите температури. Топлотниот бран на мета ги има и работниците во неклиматизирани простории, како што текстилните фабрики, но и оние кои патуваат со јавен превоз или одат пеш до работа и назад. Над 60% од работниците деновиве ќе бидат значително изложени на портокаловата фаза на високи температури, за што следат и соодветни препораки за заштита.

„Должност на работодавачите е да обезбедат подобри услови на работното место. Просториите да бидат климатизирани, да ги предупредат работниците за физичките, хемиските и биолошките штетности на работното место, да користат повеќе паузи во текот на работното време. Исто така треба да има голема претпазливост при одењето на пауза, влегувањето и излегувањето од работното место или јавниот превоз, затоа што температурата е една внатре, а надвор е друга“, вели д-р Александар Стојанов, специјалист по медицина на трудот.

Колапси и удари се најчестите последици при премин од неклиматизирани во климатизирани простории и обратно. Лекарите советуваат дека во таков случај треба да се побара медицинска помош, но и да се земат многу течности.

„Исто така во овој период треба да се пие многу течности, да се носи светла облека. Работодавачот треба да на работниците да им даде соодветна опрема и тие треба да ја користат. Бидејќи сега доаѓа нов топлотен бран, се препорачува луѓето да не излегуваат без потреба, особено хроничноболните, бремените жени“, додава д-р Стојанов.

Препораки за заштита од високите температури објавија и од Министерство за здравство. Од таму препорачуваат ослободување од работните обврски на бремените жени и хронично болни лица, работодавачите да ги почитуваат законските прописи од оваа област и да не се излегува на отворено во периодот од 11 до 17 часот доколку за истото нема потреба.

Ребека Спасова М-Нет