
Првото пролетно коло не направи големи промени на табелата во Втора лига, но овозможи на некои екипи да стекнат дополнителна бодовна предност во трката како за Прва лига, така и за опстанок.
Охрид и Шкендија Арачиново сега имаат солидна предност која ја стекнаа во 16. коло, а најмногу на „киксот“ на Брегалница во Гевгелија. Охриѓани се први со 39 бодови, а тимот од Арачиново е втор со 38 бодови, додека пак Брегалница останува на третото место со 33 бодови, но Скопје се доближи до „сините“ на еден бод, бидејќи „пиратите“ имаат 32 бода за четврто место.
Од екипите со амбиции за Прва лига, екипата на Беласица е петта со 31 бод на своето конто и веќе заостанува осум бодови од лидерот Охрид односно од првото место кое директно води кон Прва лига.
Новаци го задржа шестото место со 30 бодови и има само три бода негатива од третата позиција, па тимот на Дарко Крстески има простор за напредок, бидејќи сега Новаци доаѓа на три бодови од бараж зоната за Прва лига, а во таква ситуација е и Детонит Плачковица кој е седми со 29 бодови и има само четири бодови негатива од Брегалница. Во зоната за директен опстанок останува Осогово со 27 бодови на своето конто.
Кожуф заврши голема работа во првото пролетно коло совладувајќи ја Брегалница на домашен терен со 2:0, па така тимот од Гевгелија иако останува на деветтото место во бараж зоната има три многу големи бодови на своето конто од екипа која не им е конкуретен, а притоа е фаворит. Кожуф е деветти со 25 бодови, два помалку од зоната за директен опстанок.
Тетекс победнички ја отвори пролетната полусезона и сега е на десеттото место со тоа што има 20 бодови и пополека започнува да се зацврстува во бараж зоната, а пак Саса се спушта на 11-тото место или во бараж зоната со 17 бодови.
Во зоната за директно испаѓање во Трета лига нема промени – екипите ги задржаа своите позиции со истите бодови кои ги имаа и претходно. Вардар Неготино е на 12-тото место со 12 бодови, Победа е место подолу со бод помалку, Преспа е на 14-тото место со девет бодови, Слога Виница е претпоследна со седум бодови, а на дното е Големо Коњари со три бодови.
Веќе следното коло може многу работи да реши – бидејќи се играат две дерби пресметки Охрид ја пречекува Шкендија Арачиново, а пак Скопје ќе биде домаќин на Беласица, од овие пресметки може многу работи да станат појасни, а зависно од резултатите најмногу може да добие и Брегалница, која ќе има лесна задача против Вардар Неготино.
Александар Ванев, М-Нет