Осогово со бод презадоволен од дербито со Брегалница, Борец конечно победи, Саса откина бодови од „лавовите“

ФОТО: Александар Ванев, М Нет телевизија

Дербито на Истокот меѓу Брегалница и Осогово заврши без победник со поделба на бодовите, откако двете екипи одиграа 1:1. За „жетварите“ од Кочани ова е повеќе од одличен резултат, бидејќи освоија бод од фаворит како Брегалница, меч кој го следевте на телевизија М Нет.

Новиот тренер Горанчо Георгиев во изјава за М Нет телевизија истакна дека е задоволен од одиграното и прикажаното на неговите играчи.

Стратегот на второлигашот од Кочани кратко го искоментира и тешкиот и густ распоред кој е пред второлигашите.

На телевизија М Нет Спорт можевте да го следите мечот меѓу Македонија ЃП и Каменица Саса, каде рударите откинаа бодови од „лавовите“ кои беа фаворити, откако двете екипи одиграа 1:1.

Борец конечно победи на домашен терен против Вардарски со 3:1, Детонит Плачковица стигна до прва победа на домашен терен против Скопје со минимални 1:0. Кожуф со 3:2 го доби дуелот со Вардар од Неготино, Арсими минимално со 1:0 славеше над Новаци, во Струмица во дербито на екс прволигашот Беласица и Победа ремизираа играјќи 1:1, а пак Охрид влезе во длабока резултатска криза и загуби од Башкими.

Во однос на табелата Македонија ЃП е прва со 10 бодови, колку што имаат Кожуф кој е втор и Брегалница која е трета. Арсими е четврти со 9 бодови, колку што има и Башкими. Шести е Детонит со седум бодови, Новаци е место подолу со шест бода.

Скопје е осми со пет бодови, а пак Победа и Вардар Неготино го делат деветтото место со четири бодови. Беласица и Борец имаат по три бодови. Каменица Саса е на 13-тото место со два бодови колку што имаа Осогово и Вардарски, а на дното е Охрид со еден бод.

Веќе в среда се играат натпреварите од 4. коло.

Александар Ванев, М-Нет