Општина Штип објави повик за ангажирање на невработени жени за вршење на јавни работи

Општина Штип од денеска до 13 октомври има објавено повик за ангажирање на невработени жени за вршење на јавни работи, информираше на денешната прес-конференција Секретарот на општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова. Таа истакна дека оваа мерка е предвидена согласно програмата за еднакви можности на општина Штип за 2026 година и целта на оваа мерка е да бидат ангажирани невработени жени кои што се над 55 години и невработени жени- мајки на деца со попреченост.

“Првата категорија на жени ќе имаат работно време од 8 часа, додека втората категорија на жени ќе имаат половина работно време, односно работно време од 4 часа.Целта на оваа мерка е да се помогне да се исчистат и да се работи на зелените површини, на јавните површини, површините меѓу зградите во нивно чистење на сите на отпад, садење на цвеќиња, полевање на истите и така натаму, односно работи коишто се поврзани со хигиената и урбаното зеленило на територија на општина Штип.”, вели Шорова-Ангелова

Таа ги повикува сите оние заинтересирани, односно невработени жени над 55 години или мајки на деца со попреченост, да го отворат повикот на веб-страницата на општина Штип, да се информираат подетално за истиот, да ги извадат потребните документи и да аплицираат во предвидениот рок до 13 октомври 2026 година.

Иван Митев, М-Нет