
Додека е во тек кампањата за вакцинација, а надлежните постојано апелираат на истата, во Штип интересот за прва доза намален. Министерот за здравство, Венко Филипче, на својот фејсбук профил објави статистика за тоа кои градови се со најголем, а кои со најмал опфат на вакцинирани граѓани. Во таа прилика со конкретни бројки посочи дека смртноста е поголема во градовите со најмал опфат. Од источниот регион со висок опфат се најде Берово со 54,7% вакцинирано население, од кои имало само еден починат пациент.
„Смртноста на пациенти со ковид е драстично поголема во градовите каде има мал процент на вакцинирани граѓани. Во градовите кадешто процентот на опфат со вакцинација е поголем, бројот на починати е најмал, односно има по еден починат. Тетово, го пречека бранот само со 19% опфат на вакцинирани граѓани во јули, таму имаше најголем притисок врз болниците, најголем број хоспитализирани пациенти и најголем број смртни случаи, 106 до крај на август. Последните недели драстично е зголемен интересот за вакцинација во Тетово и изнесува скоро 37%. Слична е состојбата и во Гостивар каде исто така имаше мал опфат на вакцинирано население, односно до крајот на август изнесуваше под 30%, а бројот на починати со ковид е 73.“ – напиша Филипче.
Во Штип, пак, каде со донесувањето на новите мерки од Владата со прва доза се вакцинираа околу 300 – 320 граѓани, бројот се намали на 150, а во текот на оваа недела заинтересираноста уште повеќе опаѓа.
„Вакцинацијата се одвива постојано, работиме од 7 часот наутро до 17 часот. Бројката за ревакцина е над 300 дневно, а во однос на прва доза се намали малку заинтересираноста овие денови. Првите денови ни беше околу 150. Вакцинираме со истите вакцини, „Синовак“, „Фајзер“ и „АстраЗенека“ за возрасни над 60 години“, истакна заменик координаторката за вакцинација, д-р Ана Бурева.
Ваква е ситуацијата и на територија на цела држава имајќи предвид дека претходно за прва доза доаѓаа околу 12 – 13 илјади граѓани, а во последните денови бројот се движи околу 3 – 4 илјади. Во текот на вчерашниот ден биле аплицирани само 3.475 први дози.
Инаку, вакцинацијата се одвива непречено во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“, како и на другите пунктови во државата. Влезот е слободен, а вакциналниот пункт ќе работи и утре. Досега со две дози вакцини примиле 556.322 граѓани.
Ребека Спасова МНет