
Од 14 јуни оваа година започнуваат уписите во средно образование, информираат од Министерството за образование и наука. Уписите ќе се реализираат преку три пријавувања.
„Идните средношколци имаат доволно време да размислат каде ќе продолжат да се образуваат. Препораката на Министерството за образование и наука е одлуката да се носи исклучиво согласно личните убедувања и афинитети на учениците, но предвид секогаш да се имаат и информациите за тоа каков кадар е потребен во стопанството, а согласно кои, средното стручно образование обезбедува поголема веројатност за брз и успешен настап на пазарот на трудот. “ – информираат од МОН.
Учениците пак кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после јунскиот рок, поточно на 23 август, за што доставуваат доказна документација.
Посебно внимание се става на стручното образвоние за кое МОН преку проектот „ Учи паметно, работи стручно“ и со негово презентирање имаше за цел да ја подигне јавната свест за средното стручно образование да едуцира за неговата важност преку унапредување и усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на трудот.
Преку дијалог се оформија 97 паралелки во 46 средни училишта во 25 општини, кои заедно со над 200 компании ќе спроведуваат концепт на дуално образование, кој е интересен за младите затоа што се фокусира повеќе на практична обука на работно место, наместо на изучување теорија во училница.
Исто така МОН креираше целосно нова политика на стипендирање на средношколците, односно сите кои ќе се запишат во дуална паралелка или во тригодишно стручно образование ќе добијат стипендија во вредност од 3.500 денари месечно, за 9 месеци во годината. Вкупно предвидени се 2000 стипендии.
Конкурсот за учебната 2021/2022 година предвидува во 109 средни училишта вкупно 30.053 слободни ученички места во 913 паралелки, од кои 19.602 во стручно образование во 604 паралелки, 9.261 во гимназиско образование во 274 паралелки и 1.190 ученички места во 35 паралелки во уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и математичко – информатичка гимназија.
Лаура Стојанова М-Нет