Мицкоски во интервју за „Breitbart News“: Македонија силно ги поддржува политиките на Трамп

Премиерот, Христијан Мицкоски, во ексклузивно интервју за „Breitbart News“ изјави дека македонската влада силно ја поддржува владата и политиките на американскиот претседател Доналд Трамп на повеќе фронтови, од надворешна политика до енергија, геополитика и друго.

„Македонските граѓани многу решително ја поддржуваат администрацијата на претседателот Трамп“, вели Мицкоски во интервјуто, истакнувајќи дека „кредибилитетот на Трамп меѓу македонските граѓани е апсолутно огромен“.

„Дури и пред да стане претседател на Соединетите Американски Држави, некои од луѓето кои се дел од неговиот најблизок круг нè посетуваа дури и за време на кампањата, кога немаше многу европски нации кои веруваа дека претседателот Трамп ќе стане претседател“, рече Мицкоски во речиси едночасовно телефонско интервју минатата недела.

Мицкоски во интервјуто вели дека поддршката на Трамп во неговата нација е многу висока, поголема од каде било на друго место во Европа, и дека со задоволство би го пречекал Трамп во Северна Македонија доколку распоредот на американскиот претседател го дозволува тоа.

„Со оглед на тоа што анкетите на претседателот Трамп се највисоки во мојата земја, македонските граѓани многу решително ја поддржуваат администрацијата на претседателот Трамп, а кога велам дека анкетите се највисоки, тоа е смислено бидејќи ги следам анкетите и знам дека неговиот кредибилитет меѓу македонските граѓани е апсолутно огромен и без сомнение, сум заинтересиран да го поканам“, вели Мицкоски.

Во однос на трговските односки, Мицкоски вели дека Северна Македонија била една од првите земји што преговарале за трговски договор со Соединетите Американски Држави по воведувањето на царините.

Премиерот изрази надеж дека ќе можат да се потпишат повеќе договори во наредните недели кога ќе ги посети Соединетите Американски Држави за Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Тој вели дека се надева дека ќе ја посети Белата куќа за да се сретне со Трамп или да го види на маргините на Генералното собрание.

Северна Македонија претходно оваа година потпиша „стратешки дијалог“ со Соединетите Американски Држави, а Мицкоски се надева дека ова ќе се прошири понатаму во уште поконкретна економска соработка меѓу двете нации.

„Сакаме да го претвориме стратешкиот дијалог во сегашната дипломатија во стилот на Трамп, со помалку бирократски процеси и поконкретни резултати во безбедноста, енергетската технологија и инфраструктурата, трговијата и инвестициите“, рече Мицкоски.

Северна Македонија, исто така, рече Мицкоски, многу ги поддржува напорите на Трамп да ги натера сојузниците од НАТО да трошат повеќе за нивната национална одбрана. Тој рече дека Северна Македонија веќе е над 2 проценти од својот БДП за трошоци за одбрана, со план да достигне и до 3,5 проценти – со дополнителни 1,5 проценти од БДП трошење за критични инфраструктурни проекти што ќе ги користат силите на НАТО.

Текстот Мицкоски во интервју за „Breitbart News“: Македонија силно ги поддржува политиките на Трамп е превземен од МАКФАКС.