Од утре се најавува ценовен шок, ќе достигне ли цената на табла јајца и до 300 денари?

Ценовниот шок кој се најавува нема да ги одмине и јајцата чии цени и бездруго секојдневно растат. За време на велигденските денови цената на табла јајца достигна и до 220 денари, а, според некои информации, најавеното покачување предвидува во текот на следните денови табла јајца да се продава и по 300 денари. Прашањето „ќе има ли повисока цена на јајцата од утре?“, продавачите велат треба да се постави до живинарските фарми, но и до Владата и ресорното Министерство. Граѓаните, пак, се со став дека растот на цените веќе не може да се контролира. По стара цена не брзаа да купат оти велат дека пак за неколку дена ќе треба да купуваат по новата цена, која и да е.

Сѐ понискиот животен стандард е причина и за иселувањето на младите, додаваат граѓаните. Повозрасните сеќавајќи се на некое подобро минато време, велат дека денес никој не мисли на народот.

Рокот за дел од антикризните мерки на Владата завршува утре, кога престанува да важи ослободувањето од ДДВ за основните прехранбени производи и ограничувањето на маржата за трговците. Според некои информации, маслото за јадење би поскапело за 7, а лебот за 2 денари. Млекото најмалку за 3, додека, пак, јајцата и оризот за 5 денари.

Ребека Спасова М-Нет