Одбојкарот Стефан Алексов спортист на годината на град Штип за 2024 година!

Вчера се одржа настанот спортист на годината на град Штип за 2024 година, каде беа доделени признанија во повеќе категории, од пионери до сениори, награди за ветерани со признанија за успех во спортот.

Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, истакна дека локалната самоуправа останува целосно посветена на поддршка на спортот.

„Ми претставува особена чест што вечерва заедничи со вас сме дел од манифестацијата Спортист на годината за 2024, каде што ја славиме посветеноста, трудот и успесите на нашите најдобри спортисти. Вечерва одаваме признание на оние кои со својот талент, дисциплина, пожртвуваност, го претставуваат Штип на спортската мапа како во земјава, така и надвор од неа. Како локална самоуправа остануваме целосно посветени на поддршка на спортот и во таа насока продолжуваме со вложувања во спортските клубови, младите таленти и спортски настани кои го унапредуваат спортскиот дух во нашиот град“, рече градоначалникот Јорданов.

Признанието за спортист на годината за 2024 му припадна на одбојкарот на одбојкаркиот клуб Штип УГД, Стефан Алексов. Штипскиот одбојкар минатата сезона имаше успешна сезона со неговиот клуб, освојувајќи го за првпат во историјата Купот на Македонија, што беше прва историска Куп титула за градот Штип во колективен спорт, а завршија на второто место во првенството.

„Почитувани дозволете ми да ви се заблагодарам за доделување на престижна награда Спортист на годината за 2024 година. Посебно благодарност сакам да упатам до мојот клуб, ОК Штип УГД до претседателот, до тренерот, соиграчите. Ова признание е резултат на заедничка работа и посветеност“, рече Алексов.

Алексов со неговиот клуб оваа сезона ќе ја брани Куп титулата, а секако и ќе напаѓаат за титула и во првенството.

„Ова е огромна гордост и чест за мене и голем поттика за идни успеси. Се надевам дека оваа година ќе имаме многу поуспешна година, ќе одиме да го освоиме Купот, а како новост од лани плус повеќе да ја освоиме и лигата. Сите натпревари во овој дел веќе не се како претходната полусезона, бидејќи сите екипи имаат земено играчи, сите се засилени, се надевам дека ќе издвојуваме победа против тие екипи и дека во финалето ќе се бориме против шампионот Струмица“, рече Алексов за М Нет телевизија.

Алексов ја доби првата награда и во категорија сениори.

Александар Ванев, М-Нет