Огромна е потребата од старечки домови во Истокот бидејќи има само два но со минимален капацитет

Во Источниот регион има само два старечки домови, но со минимален капацитет. Во Домот за стари лица “Д-р Иван Влашки“ во Берово во моментот живеат 39 лица, наскоро треба да се вселат нови 28 откако се изгради новиот дел од објектот. На листата на чекање за овој дом има 160 лица, главно од малешевијата, но и пошироко. Вториот сместувачки капацитет за стари лица е во Штип, каде има само седум апартмани. Листатат на чекање и во Штип е долга. Решението се гледа во новиот дом за стари лица, кој до карабина е изграден со средства на Здружението на пензионерите во висина од околу 400 илјади евра, но осум години стои недоизграден заради нерешен правен статус. Согласно овие податоци се јавува и огромната потреба за нови државни домови за стари лица.

„Сметаме дека во иднина во најскоро време треба да се реши изградбата на нов старечки дом со што ќе решиме голем број од нашите барања за да можат пензионерите да се сместат.“ – вели Нетков.

Општина Пробиштип решение за овој проблем гледа во пренамена на јужното крило на Здравствениот дом “Нада Михајлова“ во дом за стари со капацитет за 55 лица. Но пет години откако почна реконструкцијата на просторот, се уште не е завршена. 15 години се чека и на старт на најамбициозниот проект за сместување на стари – домот во Кочани со капацитет за 150 луѓе,кој според тогашните пресметки чини околу еден милион и 300 илјади евра. До сега обезбедена е локацијата, близу касарната во Кочани, изготвен е и проект, но се уште нема најава кога ќе почне да се гради. Главна причина за одложување на изградбата на домот во Кочани се парите.

Домот во Кочани беше проектиран како најсовремен и пред се наменет за старите лица од Кочани, Македонска каменица, Виница, Берово, Пехчево и Делчево. Но потреба од домови за стари лица има во сите градови. Секој има право на достоинствена старост, велат од невладиното здружение “За достоинствен живот“

И додека во земјава има само пет државни домови за стари со капацитет од околу 600 лица, а сместени се над 800, се поизразен е трендот на отворење на приватни домови за стари, кои за најголемиот дел од пензионерите се непристапни заради високите цени и ниските пензии.

Лаура Стојанова М-Нет