Нова опрема за ТППЕ Штип – донација од американската амбасада

Американската амбасада донираше дваесет броја опрема на ТППЕ Штип. По новото возило набавено преку проект за меѓугранична соработка и опремата за шумски пожари, единицата добива нова опрема за пожари во урбан дел со којашто ефикасно и непречено би ги обавувала своите активности.

„Денес добивме и дополнителна донација од американска амбасада за огноотпорна опрема во урбан дел од градот, со којашто ќе се збогати она со што располагаат пожарникарите во ТППЕ Штип и ќе можат непречено да делуваат во несакани ситуации. Јас се надевам дека во соработка со американска амбасада ќе успееме да го довршиме овој проект со набавка на теренско возило за градски дел, со коешто ќе се овозможи непречено обавување на активностите.

Како што потенцираше градоначалникот, ваквата соработка со амбасадите е од огромно значење за општина Штип, а тековните средби дополнително ќе вродат со плод и нови проекти.

„Како што може да забележите во овие неколку месеци остваривме средби со различни дипломатски претставништва, со различни амбасади, со коишто воспоставивме одредена комуникација и соработка. Благодарение на тоа е и оваа донација којашто ја добивме во вид на опрема. Се надевам дека ова ќе вроди со низа проекти“, додаде Јорданов.

Новата опрема е во вредност од 30.000 долари, а теренското возило кое е предвидено да пристигне следната година е во вредност од 75.000 долари.

Ребека Спасова М-Нет