Штипската противпожарна единица доби ново возило, одбележан Денот на пожарникарите

Ново возило за противпожарната единица и показни вежби се начините со кои во Штип се одбележа Денот на пожарникарите. Според командирот на ТППЕ Штип, Дарко Коцев, ова ќе значи поголема ефикасност и навремено справување со секој предизвик. За ова е согласен и градоначалникот Јорданов, кој посака помалку пожари, но и навремена реакција во служба на граѓаните.

„Со ова уште еднаш ја потврдуваме нашата идеја за модернизација и осовременување на опремата со којашто располага противпожарна единица имајќи предвид дека во претходната недела пристигна огноотпорната опрема за гаснење шумски пожари. Исто така во текот на денот очекуваме и дополнителна донација од американската амбасада. Посакувам и во наредниот период да ја опремиме ТППЕ Штип, но и да имаме помалку пожари. Онаму каде што е потребно да реагираат брзо и навремено во служба на нашите сограѓани“, истакна Јорданов.

Освен промоција на новото возило, пред ученици од градинките и основните училишта, пожарникарите изведоа две показни вежби. Преку ваквите активности ТППЕ Штип одбележа нешто повеќе од еден век постоење.

„Ние како противпожарна единица денес ќе изведеме две покажни вежби. Воедно, ќе биде изложена и опремата со којашто располагаме. Изложена е и униформата и новото противпожарно возило, кој преку проект на Општина Штип беше донирано на ТППЕ Штип“, истакна Дарко Коцев, командир на ТППЕ Штип.

Новото возило е донација од американската амбасада во вредност од 7.100.000 денари, а е со капацитет од 6.000 литри. Ова е втора новина во единицата, откако пред една недела по дваесетина години добија целосно нова опрема.

Ребека Спасова М-Нет