Нова жестока битка за Брегалница: „Сините“ против Вардар на „Борис Трајковски“ во Маџари!

фото: архива

Денес со пет натпревари ќе биде комплетирано 20. коло од Првата македонска фудбалска лига.

Пред Брегалница е нова жестока битка во борбата за директен и сигурен опстанок во фудбалската елита на Македонија, за четата на Горан Здравков следува дерби дуел од капитална важност против најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар.

Дуел на две екипи во кои трите бодови се повеќе од потребни во тешката пролетна борба која ќе ја водат и едните и другите. Натпреварот ќе биде навистина тежок, нијанси ќе одлучуваат за освојувањето на целиот „плен“, трибините на стадионот во Маџари се очекува да бидат исполнети до последното седиште, каде ќе доминираат вардаровите навивачи и верните „Комити“, тоа секако и ќе ја „запали“ атмосферата на „Борис Трајковски“.

Пред Горазд Михаилов и Горан Здравков ќе биде исклучително тежок меч, двајцата тренери веќе ги подготвија тактиките, формации и составите, кои телевизија М Нет ќе ги објави ексклузивно на еден час пред натпреварот.

Во Брегалница се врати и Михаел Маневски од Гостивар, а 24-годишникот е вистинско освежување и засилување на левата бековска позиција во тимот на Здравков. Тој во изјава за клупскиот сајт вели дека дуелот со Вардар ќе биде навистина тежок.

„Чувството е секогаш прекрасно и дава посебен елан секогаш кога настапуваш пред домашната публика. Како што сите знаеме, штипската публика посебно знае да биде ветер во грб и во моментите кога натпреварот се одвива добро, но и во моментите кога не оди на добро. Секогаш се со нас, а тоа беше еден од клучните фактори за последната победа против Тиквеш во последните мигови од мечот. Сите играчи во колективот, од прв до последен сме свесни дека секој нареден меч за нас во ситуацијата во која се наоѓаме е најважен! Па така и размислуваме. Тиквеш е веќе минато, со мислите сме насочени и максимално концентрирани само кон следниот противник. Од неодамна завршениот зимски преоден рок, може да забележиме дека во Вардар, како и кај нас, има позитивни промени. И изгледот на табелата, и ривалитетот меѓу клубовите налагаат да очекуваме дека ќе биде еден тежок натпревар, но сепак ние како екипа заедно со стручниот штаб имаме свои цели и замисли што ако ги оствариме, јас верувам дека позитивниот резултат нема да изостане“, изјави Маневски.

Пред денешниот натпревар со Брегалница изјава даде и фудбалерот на Вардар, Марјан Ристовски, кој ветува дека на теренот ќе се борат и ќе дадат не 100, туку 200% од силите , за да стигнат до целта.

„Играме првпат пред домашната публика. Се надевам дека атмосферата ќе биде одлична, дека стадионот ќе биде полн и дека носени од поддршката на навивачите, ќе стигнеме до посакуваните три бода. Моите очекувањата се – победа и само победа. Ветувам дека на теренот ќе се бориме и ќе дадеме не 100, туку 200% од силите, за да стигнеме до цела. Тоа е мојата порака кон навивачите, кои патем ги повикувам да дојдат на натпреварот, затоа што не постои поголемо задоволство, од тоа да играш пред полн стадион“, заклучува Ристовски.

Дербито меѓу Вардар и Брегалница за трите бодови се игра на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари, со почеток од 14 часот. Главен судија на мечот ќе биде Стојанче Трпчевски од Кавадарци, негови помошници ќе бидат Петар Новачев од Велес, Драган Трчевски од Кавадарци, а пак четврт судија е Роберт Црвенов од Велес.

Берат Исмаили од Гостивар е делегат на мечот, а пак контролор е Благој Шуклев од Стојаково.

Александар Ванев, М-Нет