Николов: Приградските населби добија чиста вода за пиење, ќе ја промениме и водоводната мрежа!

Втор ден – изборна кампања. Кандидатите за градоначалник на општина Штип со полни програми проекти за граѓаните. Прв во низата – проектот на д-р Сашко Николов, кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ. На денешната прес – конференција тој го потенцираше приклучувањето чиста вода за пиење во приградските населби во Штип, а истовремено, излезе со ветување за поправка на водоводната мрежа, стара 50 години.

„Секој граѓанин мора да добие пристојни услови за живот. Во населбите Балканска и Чардаклија, а наскоро и Македонка веќе има нова реалност. Со инвестициите на водоводите во овие населби и обезбедување со чиста вода за пиење, жителите веќе имаат подостоинствен живот во нашата општина. По приклучување на системот за водоснабдување, ХС „Злетовица“, градот го реши проблемот со обезбедување на големи количества вода за пиење во подолг временски период и за идните генерации. Но останува да се реши дистрибуцијата на оваа вода до самите домови на нашите штипјани. Имено, се почести се дефектите на главните водоводни линии предизвикани од пукањето на овие цефки коишто се стари и азбестни и дотраени поради нивната долга употреба во повеќе од 50 години. Се обврзувам пред целата јавност и пред граѓаните, веднаш по завршувањето на изборите да се зафатиме со замена на веќе дотраените главни водоводни цефки, што поради обемноста и комплексноста, ќе се врши во неколку фази. Ова е проект кој би ја чинел Општината околу 300.000.000 денари, а придобивките од истиот се огромни. Ќе се намали загубата на вода поради протекување на дотраената водоводна мрежа, ќе се зачува човековото здравје преку замена на азбест цементните водоводни цефки, коишто се забранети за употреба денеска, ќе се отстрани опасноста од рестрикции поради неможноста за зголемување на притисокот во цефките за дотур на вода во повисоките зони и уште многу други бенефити“, истакна Николов.

Николов додаде дека она што мотивира на прогрес и развој на најдоброто за Штип е поддршката од граѓаните. Па повторно ја побара истата, овој пат за цел мандат.

Ребека Спасова МНет