
Во Кочани ги нема катната гаража, новиот градски парк, старечкиот дом, а по две години или половина од мандатот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Љупчо Папазов во Кочани, заклучокот е поразителен оти тие ги изневерија граѓаните, истакнаа денеска на прес-конференција од политичката партија СДСМ.
„Нема проекти, нема резултати. Безброј нереализирани ветувања дадени пред граѓаните, безброј нереализирани проекти од изборната програма на градоначалникот… Каде е катната гаража? Каде е новиот градски парк? Каде е старечкиот дом? За спортската сала да не зборуваме… Се вети изградба на социјални објекти за лица населени во објектот Стара касарна, за што парите стојат во Буџетот со години“, велат од СДСМ.
И покрај тоа што не се реализирани, за овие проекти, велат, имало и пари и проектна документација, дел биле и наследени од претходната власт на СДСМ на локално ниво. За разлика од ова, велат од СДСМ, од централната власт само за локални патишта во Кочани биле исплатени 4,6 милиони денари.
„ДПМНЕ и Папазов ги покачија сметките за паркинг двојно, ја зголемија цената на геотермалната енергија за 60% и сега подготвуваат покачување на комуналиите. Не се реализирани проектите од Програмата за оваа година ни 30%, а сега ја кратат за да изгледа дека нешто сработиле, а освен кратењето на Буџетот од капитални проекти за да остане за вработување на партиски членови, нема ништо друго. КЈП „Водовод“ смени неколку директори и од ликвидна фирма во позитива отиде во 40 милиони во минус, сѐ со цел да се згрижи нивното членство“, додаваат од СДСМ.
Оттаму прашуваат дали задолжувањата ќе ги плаќаат идни генерации и дали баш на овој начин се сака државата. Посочија дека за две години се случил грабеж на граѓаните. Од Општина Кочани не сакаа да ги коментираат ваквите обвинувања од страна на СДСМ.
Ребека Спасова М-Нет