Нема дневен центар за децата со попреченост од Општина Чешиново- Облешево, најблиските се во Кочани и Виница

Дневен центар за деца со попреченост во Општина Чешиново-Облешево нема, па родителите и семејствата на овие деца мора да го посетауваат најблискиот центар во Кочани или Виница. За тоа трошат време, пари, а се зголемува и самата обврска на родителите. Токму затоа се спроведе проект со кој акцент се става токму на потребата од отворање на дневен центар во Општина Чешиново-Облешево.

„Во нашата општина немаме дневен центар кој ќе ги задоволи потребите и нашите граѓани се принудени своите деца да ги носат во околните центри. Акцентот точно се стави кон овој недостаток, проблемот навистина е голем и се опфатени повеќе институции и се надеваме дека ќе успееме да го довршиме овој проект“ – вели Тасова.

По направената анкета со родителите на 16 дечиња со попреченост, констатирано е дека потребата од отворање на дневен центар е огромна. Тасова додава дека постои простор и потенцијал во општината со цел да се преземат активности кои ќе направат позотивни промени во квалитетот на живот на децата со попреченост и нивните родители.

„Ставивме акцент и на прашалник со кој преку Министерство за труд и социјална политика ние добивме информација дека во нашата општина има повеќе дечиња со посебни потреби и направивме анкета со нивните родители и семејства за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат самите луѓе. Преставува вистински проблем и финансиски трошок и обврска на самите родители, а додатокот од државата е многу минимален“ – додава Тасова.

Овие активности се дел од проектот на СИГА, кој е поддржан од ГИС, како дел од регионалниот проект „Социјално вклучување нна ранливите групи на Западен Блакан“.

Лаура Стојанова М-Нет