
Во штипските основни и средни училишта секој понеделник ќе се интонира државната химна, а знамето ќе биде истакнато на видно место. Нема да се дозволи непристоен изглед, мобилни телефони за време на часовите, ќе се забрани булингот, пушењето и алкохолот. Вакви мерки предвидува новиот Правилник кој го изготви Општина Штип во соработка со сите училишта.
„Овој Правилник предвидува некои веќевоспоставени правила, меѓутоа и неколку нови. Она што е интересно за овој Правилник е што учениците ќе треба да ја интонираат државната химна секој понеделник, додека, пак, училиштата ќе имаат обврска на видно место да го истакнат знамето на Република Македонија. Освен овие ќе се воспостават и некои нови правила, односно ќе се утврди начинот на користење мобилни телефони, начинот на облекување на сите страни, потоа начинот на меѓусебно однесување, а со ова ќе биде забранет булингот, ќе биде забрането пушењето, внесувањето и консумирањето алкохол итн.“, вели Шорова-Ангелова, секретар на Општина Штип.
Шорова-Ангелова вели дека Правилникот ќе придонесе за етичко и морално однесување од страна на сите засегнати во образовниот процес. Заедничката мисија на сите ќе биде да ги почитуваат правилата од Правилникот и со тоа да придонесат во подобрување на секојдневието.
„Овој Правилник има за цел да ги поттикне учениците во образовниот процес, самите наставници да ги мотивираат учениците кон љубопитност, истражување и изучување на нивните предмети, а на родителите со Правилникот би сакале да им помогнеме да се равива креативноста и потенцијалот кај нивните деца“, додава Шорова-Ангелова.
Правилникот веќе е усвоен од страна на Училишните одбори, а изготвениот постер денеска е истакнат на влезовите од сите училишта. Правилникот за етичко однесување не се однесува само на учениците, туку и на наставниците, стручниот персонал и сите останати вработени во училиштата, како и за родителите.
Ребека Спасова М-Нет