
Традиционалното мото-рели „Македонија независност“, кое започна денеска ја направи првата пауза во Кочани. Повеќе од 400 мотоциклисти денеска продефилираа низ кочанските улици, а организацијата на првата попатна пауза во Кочани му припадна на мото-клубот „Желки“ од Кочани. Претседателот, Момчило Хаџи Паунов, посочи дека по три години, направена е промена во организацијата на овој настан.
„За разлика од претходните три години, сакам да нагласам дека оваа година направивме нешто поразлично, односно ја организиравме оваа манифестација во Градскиот трговски центар. Ја искористивме можноста што денес е неработен ден и нема голема фреквенција на возила, благодарение на сите заложби од Општина Кочани на чело со градоначалникот и СВР Штип – ПС Кочани, коишто ни помогнаа сето ова да го организираме како што треба“, истакна Момчило Хаџи Паунов, претседател на мото-клубот „Желки“ – Кочани.
За мотоциклистите традиционалното мото-рели е предизвик и големо искуство. Мотоциклистот Даниел Цонев, кој е роден во Кочани, а живее во Швајцарија, вели дека е огромно задоволството да се биде дел од ваков настан.
„Јас во 2011 година имам доаѓано од Швајцарија со мотор до Македонија, со релито. Инаку, имам одено во Сардинија, во Швајцарија, одиме групно за Корзика. Активно возам од 2010 година, сезонски правиме најмалку 10.000 километри, така што сме прилично активни“, вели Цонев.
Традиционалното мото-рели го организира Мотоциклистичката федерација на Македонија од 8 до 10 септември. Околу 400 мотоциклисти од државта и странство годинава со своите мотори ќе ја заобиколат целата држава по претходно определена маршута.
„Ова ни е прва точка на застанување, продолжуваме кон Берово, каде исто така ќе имаме пауза, следна пауза ни е во Струмица, вечера ќе имаме во Дојран и таму завршува првиот ден. На вториот ден тргнуваме во 10:00 часот и одиме кон Гевгелија, Неготино, Кавадарци, каде имаме пауза, од Кавадарци одиме во Битола, и таму имаме пауза, потоа преку Галичица во Охрид ќе имаме завршна вечер и прогласување награди. На третиот ден тргнуваме од Охрид во 12:00 часот и одиме преку Кичево, Стража, Гостивар, Тетово и завршуваме во Скопје“, објаснува Зоран Трајковски, претседател на Мотоциклистичката федерација на Македонија.
Мото-релито „Македонија независност“ е единствен спортски настан кој се одржува во континуитет точно 32 години. Низ годините се реализира низ различни форми во зависност од околностите, а неговата примарна цел е промоција на мотоциклизмот како спорт.
Ребека Спасова М-Нет