Над 40 играчки изработија вработените во детската градинка „Астибо“ за првиот Стручен собир

Над 40 играчки беа дел од првиот Стручен собир за детска играчка кој го организираше детската градинка „Астибо“. Истиот се спроведе по распишаниот повик за изработка на играчки, кои беа изложени во рамки на Собирот кој содржеше и едукативна работилница. Директорката, Наташа Мусева, посочи дека идејата доаѓа како резулат на секојдневното користење играчки и дидактички материјали во детската градинка.

„Денес за првпат во нашата детска градинка, „Астибо“, промовираме еден настан којшто е Стручен собир за избор на детска играчка за 2023 година. Играта е поздрава од млекото, играта е посвежа и од водата, затоа ние најчесто применуваме игри со децата. Овој прв собир се одржува како изложба за оригинални играчки и дидактички средства чии автори се работниците од нашата предучилишна установа, тоа се стручните соработници, воспитувачи и негуватели“, вели Наташа Мусева, директорка на ЈОУДГ „Астибо“ – Штип.

Играчките ги изработија вработените од сите воспитни групи, а жири комисијата избра три најдобри игри за деца на возраст од 2 до 6 години и една игра за деца до две години. Наградените добија скромни подароци.

„Играта е единствената можност за нас и за децата за да го спознаеме најдобро светот низ детските игри и низ детските очи. Оваа средба ја реализиравме со помош на членови од организационен одбор и членови од жири-комисијата. Имавме критериуми и тоа самата играчка да биде креативна, мултифункционалност, атрактивност, практичност и безбедност при работата со децата“, додава Мусева.

Од детската градинка истакнаа дека се надеваат оти ова ќе прерасне во традиција и ќе добие пошироки размери. Идејата и реализацијата е поддршана од Општина Штип и Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Ребека Спасова М-Нет