СДСМ пак со прашања до директорката на градинката „Астибо“, Општина Штип вели – СДС се во очај

И по една недела нема одговор на поставените прашања до директорката на детската градинка „Астибо“ во Штип за тоа каде се наоѓаат дел од детските реквизити и вештачката трева набавени преку јавна набавка, констатираа на прес-конференција од ОО СДСМ Штип. Од таму велат дека од претходната реакција останало нејасно кој ја проследил прес-конференцијата и кој раководи со институцијата. Само било кажано дека нивната градинка е најстара, ама одговор на поставените прашања не дале. Затоа од СДСМ повторно прашуваат каде и колку од детските реквизити и вештачката трева се поставени.

„Дали, можеби, реквизитите и вештачката трева поставени во ЗОО Паркот „Бриони“ и оние во игралиштата во населбата Пребег се набавени од страна на градинката? Јорданов да одговори од каде потекнуваат дел од новите детски реквизити на дел од игралиштата во општината, бидејќи согласно со јавно-достапните податоци за извршени јавни набавки, Општината нема склучено договор за јавна набавка на детски реквизити и вештачка трева коишто по своите спецификации се идентички на оние на градинката. Јорданов и ДПМНЕ ниту во едно од своите дефилеа немаат посочено дека Општината има примено донација на детски реквизити од некоја општествено-одговорна компанија, ниту, пак, Советот на Општина Штип има донесено одлука за прифаќање на таквата донација“, истакнаа во прес-конференцијата.

На ова од Општина Штип само посочија дека институциите под нивни ингеренции работат во служба на граѓаните, а наскоро и останатите институции ќе проработат во таа насока.

„СДС дефинитивно е во очај и секојдневно со ваквите прес-конференции пробуваат да вршат притисок кон институциите кои не се под нивна контрола. Локалната самоуправа и институциите кои се под нејзини ингеренции ќе продолжат и понатаму да работат чесно во служба на сите граѓани на Општина Штип, а со оглед на тоа што времето на владеењето на СДС е одбројано, наскоро и останатите институции ќе проработат за сите граѓани, а не само во служба на партијата СДС.“ – истакнаа во писмено соопштение од Општина Штип.

Од СДСМ, пак, побараа детската градинка и Општина Штип јавно да ја достават целата документација со што би се отфрлиле сомнежите за можна злоупотреба на службената положба од страна на директорката како и сомневањата за стекнување без основ од страна на Општината.

Ребека Спасова М-Нет