
Изминатиот викенд во Домот на културата во Македонска Каменица, за првпат се организираше избор за најдоброто во спортот за 2024 година, настан кој беше организиран од страна на Здружението на граѓани „Багери“ и претседателот Звонко Прангов.
Главната награда ја доби кошаркарот Бојан Трајковски, награда за животни достигнувања, кој е вистински спортски амбасадор на малото гратче Македонска Каменица. Тој е член на кошаркарската репрезетација на Македонија, а низ својата успешна кариера искусниот кошаркар беше дел повеќе екипи како дома така и во странство.
Награда за најдобра женска екипа за 2024 година доби актуелниот шампион во Првата женска кошаркарска лига, екипата на Баскет Кам, додека пак Јордан Цветановски беше избран за спортски работник за претходната година.
Посебна награда и беше доделена на македонската репрезентативка, Ивана Кметовска, за нејзините достигнувања, а пак Стефани Јанева е спортист на годината на Македонска Каменица до 14 години, а признание доби и Моника Зафировска, која успешно се натпреварува за кошаркарскиот клуб Вардар.
Ваквиот настан има за цел да им се додели признание на сите спортисти кои во претходната година забележале значајни резултати во спортот.
Александар Ванев, М-Нет