Мицевски: Од утре активна блокада на Собранието

ВМРО – ДПМНЕ донесе одлука за активна блокада на Собранието од утре. На одржаната координативна средба само беше потврдена одлуката која претходно беше донесена на Извршниот комитет, а како што велат од партијата, ваквата одлука е по одбиениот дијалог од страна на Владата во четири клучни области.

„Епилогот активна блокада следува откако претходно Ковачевски и Владата одбија дијалог во четири клучни области за граѓаните: економија, здравство, образование и меѓународна политика со акцент на блокадите од Бугарија и како природно решение на сите овие проблеми, разговор за датум за предвремени избори и соочување со волјата на граѓаните. Тоа што Ковачевски од целата оваа понуда за нормален дијалог се фокусира само на предвремени избори покажува дека всушност и тој е свесен дека е премиер на Влада којашто нема поддршка од народот и во тоа е болката, се плашат од соочување со граѓаните. А понудата на ВМРО-ДПМНЕ којашто опфаќа и решенија во економија, здравство, образование, надворешна политика и разговор за предвремени избори не е шведска маса со којашто премиерот може да се служи во сегментите во кои што само на него му одговараат“, истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Според партијата, со активната блокада на Собранието ќе има спас од ценовните шокови и сиромаштијата и истата ќе подразбира попречување на штетните закони и политики. Како што потенцираше Мицевски, ова е процес којшто ќе трае најверојатно до пад на Владата и одржување предвремени избори, а тие се подготвени да одат до крај.

Ребека Спасова М-Нет