Јорданов: Крстосницата во населба Сењак ќе се асфалтира неделава

За дваесетина дена најфреквентната крстосница во населба Сењак ќе биде проширена и ќе добие светлосна сигнализација. Ова беше ветувањето пред нешто повеќе од дваесет дена, кое требаше да го олесни спроведувањето на сообраќајот на главната точка во населба Сењак. Работата беше и започната, но по нешто повеќе од дваесет дена не е завршена. Сообраќањето во овој дел од градот сѐ уште е забрането, заради изведувањето на градежните активности. На ова градоначалникот Јорданов повика на трпение и истакна дека таму интензивно се работи, поради што неделава ќе се пристапи и кон асфалтирање.

„Сите подготвителни активности коишто ги имавме пред асфалтирање во населбата Сењак се завршени. Денес се вршат испитувања на збиеноста на земните наноси за да може да се пристапи кон асфалтирање, така што очекувам во наредните ден – два да пристигнат машините за асфалтирање и поставување на светлосна сигнализација. Во наредните денови, во текот на оваа недела очекувам да започне и асфалтирањето на крстосницата“, истакна Јорданов.

Поминување на возила по забранета улица, неповолни временски услови за асфалтирање беа само дел од проблемите кои се појавија во периодот на градежната работа. Активностите беа и времено во мирување, поради консултации со Министерството за транспорт и врски и промена на проектот, со која се предвиде уште една сообраќајна лента. Услови за кружен тек немаше, но дополнителните сообраќајни ленти треба да обезбедат побрз проток на возила и поголема безбедност. Јорданов се извини на граѓаните кои имаат отежнато движење заради спроведувањето на активностите, но напомена дека со завршувањето на истите ќе има решавање на долгогодишен проблем.

Ребека Спасова М-Нет