
За шест месеци ВМРО – ДПМНЕ освен што се сликаше со наследените проекти, не направи ниту еден проект од ветеното во програмата, истакнаа на прес – конференција од ОО на СДСМ Штип. Според нив, пешачки конзоли на река Отиња, реконструкција на ул. „Панче Караѓозов“ и крстосница во населба Сењак, адаптирање на филтер – станицата за ХС Злетовица се само дел од проектите кои ги започнала претходната власт, а кои Јорданов си ги присвоил.
„Многу ветуваа, а ништо не реализираа. Го прашуваме Јорданов до каде е реализирањето на булеварот Партизанска, до каде е обиколницата на булеварот Гоце Делчев до Ново Село, до каде е дигитализацијата на општината, до каде се монтажните гаражи, до каде се детските градинки“ – прашаа од СДСМ.
На ова Јорданов праша дали зборуваат истите луѓе кои ветуваа жичара и не ја довршија Клиничката болница, а напомена дека единствениот оставен проект им се долговите кои сега новата власт треба да ги враќа, а дополнително да изведува капитални инвестиции.
„Се наоѓаме на пешачката патека, местото каде СДСМ ветуваше дека ќе има жичара на Исарот, па јас ги потсетувам дали се истите луѓе ова денес што го зборуваат дека ништо не е направено тие луѓе кои ветуваа жичара на Исарот. Дали се истите тие луѓе кои го оставија јавното претпријатие во долг, истите тие луѓе кои ја оставија недовршена Клиничката болница“ – праша Јораднов.
Според ОО на СДСМ Штип, новата власт го претворила модерниот и урбан град Штип во град кој тоне во ѓубре, обрасната и неискосена трева и несанирани дупки. Според Јорданов, пак, среќа е што имаше промена на локалната власт, бидејќи граѓаните капитални инвестиции немаат видено во изминативе пет години.
Ребека Спасова М-Нет