Министерот на МВР Наќе Чулев во посета на СВР Штип

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев со претставници од Кабинетот денес беше во посета на СВР Штип. На остварената работна средба, Чулев беше запознат со актуелната состојба со криминалитетот за што бил известен дека има подобрување во сузбивањето на сите форми од областа на класичниот криминал.

Во поглед на ситуацијата со опожарените возила известен е дека има намалување на истите и дека станува збор за изразување нетрпеливост помеѓу две криминални групи и за нивни нерасчистени работи, при што едната криминална група преземала мерки на одмазда кон другата и обратно.

Главен акцент на средбата бил ставен околу организирањето на мирни, фер и демократски избори за што е направен план за постапување на полициските службеници кој веќе е доставен во главниот републички и оперативен штаб и ќе биде процесуиран.

Министерот Чулев истакна дека постојат критични точки кадешто се можни изборни нерегуларности и дека е изготвен оперативен план за превентивни активности за сузбивање на сите облици на поткуп, одземање лични карти, давање лажни информации и пари, семејно гласање, уцени и закани и сите други облици на изборни нерегуларности. Ништо од тоа нема да се толерира, рече Чулев, како од граѓаните, а уште повеќе од полициски службеници.

-Критични точки се, генерално ме информираа во Штип и во Кочани, кадешто  живеат социјално ранливи категории, претежно тоа се населбите кадешто е концентрирана ромската популација. Засилени се оперативните активности на терен и се работи со сите сили со цел идентификување на евентуални лица коишто ќе бидат вклучени во изборни нерегуларности – изјави Чулев.

Во однос на нападите од СДСМ дека министерот Чулев користи службени возила во партиски цели, тој истакна дека е министер во Владата кој не е на пратеничка листа.

-Како министер за внатрешни работи, согласно уредба на Влада ми следува 24 часовно обезбедување. Јас и доколку сакам сам да отидам на приватен настан, уредбата ми го забранува тоа. Јас после работно време имам право да отидам на средба со граѓаните кадешто ќе им укажам дека МВР ги презема сите активности за безбедно гласање, без разлика на ризикот од пандемијата и да им укажам на сите оние работи кои се однесуваат на изборни нерегуларности. Исто така дел од тие работни посети се во смисла на согледување на проблемите коишто ги имаат граѓаните. Еве на пример во Карпош имав посета кадешто граѓаните го искажаа проблемот со улични трки. Во Штип ме информираа дека нема. Кадешто се предизвикува голема бука и кадешто се загрозува безбедноста на сообраќајот. Исто така во подрачјето на Шуто Оризари имав средба на којашто граѓаните ме информираа дека имаат одредени притисоци во смисла на гласањето. Јас бев таму едноставно да ги охрабрам и да им укажам дека МВР ќе ги преземе сите работи да се санкционираат таквите извршители  – истакна Чулев.

Од Штип, министерот Наќе Чулев се упати во Кочани каде ќе го посети Одделението за внатрешни работи.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА /МНет

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ