Милошоски: Демографијата е нашата нова борба за Македонија – што ќе вредат спомениците ако нема деца да положат венец?

Потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски денеска од Мечкин Камен, на одбележувањето на 2 Август – Илинден, порача дека најголемиот предизвик со кој се соочува државата денес е демографската состојба, оценувајќи дека современото „востание“ не е со оружје, туку преку создавање семејства, воспитување деца и обезбедување иднина за младите во Македонија.

Во обраќањето во Крушево, каде ја предводеше собраниската делегација на државното чествување на Денот на Републиката, Милошоски рече дека демографијата станува прашање од национално значење и предупреди на намалувањето на бројот на ученици низ повеќе градови во земјата.

„Крушево – градот што е симбол на борбата за слобода и државност, денес има неколкукратно помалку првачиња отколку во минатите децении. За жал, истото е и во Прилеп, Струга, Струмица, Дебар и во Скопје. Што ќе вредат спомениците ако нема детски раце што ќе положат венец пред жртвата на илинденците? Колку ќе вреди македонскиот јазик ако нема кој да го говори и да им го пренесе на своите внуци? Ќе вредат ли училиштата ако во нив нема детски џагор?“, праша Милошоски.

Тој нагласи дека денешната борба за Македонија има поинаква форма од онаа пред повеќе од еден век.

„Нашето востание не се пушката и Црешовото топче, туку одговорноста да се создаде семејство и да се воспитуваат одговорни поколенија. Демографијата е нашата нова борба за Македонија. Демографијата не е само статистика. Демографијата е бебешкиот плач и родителските солзи радосници. Демографијата е семејство полно со деца и полно со верба дека среќата е поголема кога во домот има повеќе сестрички и братчиња“, истакна потпретседателот на Собранието.

Според него, демографијата не е само социјално или економско прашање, туку претставува прашање на личен приоритет, семејна среќа и национален опстанок.

Тој оцени дека изградбата на нови спортски сали, градинки, училишта и отворањето нови инвестиции имаат вистинска вредност само доколку постојат генерации што ќе ги користат.

„Грижата за семејството, особено за мајките и за децата, не смее да биде тема на еден мандат, на една влада или на една партија. Демографијата е тема што треба да нè обедини, а сите ние како поединци и семејства да дадеме личен пример дека тоа што го зборуваме навистина е тоа за што се залагаме. Да се обединиме за повеќе надеж, за повеќе семејства и за повеќе првачиња“, порача Милошоски.

Во говорот тој се осврна и на ликот и делото на Питу Гули, истакнувајќи дека неговата саможртва претставува потсетник дека денешната генерација не смее да биде онаа што ќе остави празни домови и празни училишта.

Милошоски потсети дека Питу Гули, освен што бил револуционер, бил и сопруг и татко на четири деца, нагласувајќи дека загинал бранејќи ги семејството и татковината.

„Илинденците садеа дрво под чија сенка знаеја дека веројатно никогаш нема да седнат. Но го засадија за потомците да можат да ги уживаат плодовите на таа жртва. Тоа е големината на една генерација – не само во она што го создава за себе, туку во она што е подготвена да го остави на оние што сè уште не се родени“, рече тој.

Потпретседателот на Собранието порача дека илинденците не оставиле само историја, туку и обврска сегашните генерации да ја чуваат и унапредуваат државата.

Дел од своето обраќање Милошоски им го посвети и на младите и на македонските иселеници, нагласувајќи дека обврска на институциите е да создадат услови младите да ја градат својата иднина дома, а оние што заминале во странство да имаат причини повторно да се вратат.

„Нашата задача не е да ги убедуваме младите да живеат во историските спомени. Нашата задача е да им оставиме држава во која ќе можат да ги создаваат своите спомени. Земја што ќе ја чувствуваат како своја, држава во која ќе можат да основаат семејства и да ги растат своите деца. А оние што веќе заминале во странство – да имаат повеќе причини еден ден да се вратат. Убаво е Македонија да биде местото од кое потекнуваме, но уште поубаво е татковината да биде и местото кон кое заеднички се враќаме“, истакна Милошоски.

Во завршниот дел од говорот тој направи споредба меѓу генерацијата на илинденците и денешното време, оценувајќи дека пред 123 години револуционерите немале држава, институции и гаранција за успех, но имале верба и храброст.

„Ние денес имаме држава, училишта, војска, здравство и своја Република. Затоа нашата одговорност е поголема, а не помала. Од нас не се бара да ги правиме истите жртви како нив, туку да бидеме верни на идеалите, да не бидеме себични и да го чуваме и унапредуваме она што тие го создадоа“, порача Милошоски.

Тој нагласи дека вистинскиот долг кон татковината не е само да се слави минатото, туку сегашните генерации да создадат дела со кои ќе се гордеат идните поколенија.

„Прашањето што ќе остане пред сите нас е дали само сме се гордееле со она што го направиле нашите предци или сме направиле нешто со што ќе можат да се гордеат нашите потомци. Тоа е вистинскиот долг кон татковината – не само да ја опеваме, туку да бидеме способни и да ја надградуваме“, порача потпретседателот на Собранието од Мечкин Камен.

Текстот Милошоски: Демографијата е нашата нова борба за Македонија – што ќе вредат спомениците ако нема деца да положат венец? е превземен од МАКФАКС.