Масовна посетеност на градските гробишта во Штип, верниците одбележуваат Задушница

Масовна посетеност на штипските гробишта поради денешната Задушница. Гужви во сообраќајот и масовна посетеност на гробиштата во спомен на починатите кој православната црква го пропишала за денес. Денешната Задушница секогаш се паѓа една недела пред Прочка и тоа во сабота. Тоа е денот кој црквата го одредила за помен и молитва на упокоените. Денот во црквите е одбележуван со света литургија и панихида, на која свештеникот истура вино над житото, а по завршувањето на службата се посетуваат гробиштата.

На гробиштата се носат свеќи, а свештениците и таму вршат индивидуални панихиди и читаат молитви за починатиот. Верниците се молат во храмовите и на гробиштата за упокојување на душите на мртвите и прават милостина, според народниот обичај, носат храна и раздаваат за помен на починатите.

Есенската Задушница е пред Митровден, а оваа Задушница е пред Прочка – денот за простување, кој се паѓа во недела. Од понеделникот по прочка започнува Велигденскиот пост, кој трае седум недели до Воскресението Христово – Велигден.

Ребека Спасова М-Нет